Реакција на ДИЛС за промената на имињата на училиштата во Чаир
Државниот инспекторат за локална самоуправа во 2012 година поднесе иницијатива пред Уставниот суд за оцена на законитоста на одлуката на Советот на Општина Чаир за преименување на четирите училишта.
Од тогаш веќе осум години чекаме Уставниот суд да пресече дали за промената на имињата на четирите училишта во скопски Чаир е потребно гласање според Бадентеровиот принцип и со тоа дали преименувањето на „Цветан Димов“ во „Хасан Приштина“, „Јане Сандански“ во „Јашар бег“, „Рајко Жинзифов“ во „Исмаил Ќемали“ и „Никола Вапцаров“ во „Имри Елези“ е законско.
Директорот на инспекторатот Сеад Садикоски за медиумите изјави дека очекува Уставниот суд конечно да се произнесе за да не се остава простор институциите да се мешаат во надлежноста на судот:
“Инспекторатот не е известен дали Уставниот суд се произнел за четирите училишта. Доаѓаме во ситуација да се менуваат имиња на училишта, но Инспекторатот сѐ уште не добил одлука од Уставниот суд. Уставниот суд пред извесен период го контактираше Инспекторатот и нѐ праша дали остануваме на иницијативата од 2012 година. Одговоривме дека очекуваме Уставниот суд по 8 години конечно да се произнесе за да не се остава простор институциите да се мешаат во надлежноста на судот и самите да ја толкуваат одлуката дали е законска. Инспекторатот за локална самоуправа врши надзор само на законитоста на прописите кои ги носат советите на општините. Тој нема надлежност во делот дали одредени одлуки треба да се носат според Бадентеровиот принцип на гласање, односно со двојно гласање.”