Историјат на Државниот инспекторат за локална самоуправа

Државниот инспекторат за локална самоуправа (ДИЛС) се основа со Законот за Државен инспекторат за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 187/13, 43/14 и 64/18 ). Со законот се уредуваат надлежноста и организацијата на Државниот инспекторат за локална самоуправа, видовите и постапките за вршење инспекциски надзор, овластувањата на инспекторите, соработката со органите на државната управа, граѓаните и други физички и правни лица.

Државниот инспекторат за локална самоуправа е орган во состав на Министерството за локална самоуправа, но од 01.06.2014 година со одлука на Владата на Република Македонија стекнува статус на независна владина институција со раководно лице кое самостојно ги носи одлуките согласно надлежностите на институцијата. Со работата на Инспекторатот раководи директор, кој го именува и разрешува дирекно Владата на Република Македонија. Државниот инспекторат за локална самоуправа подготвува годишна програма и извештај како и квартални планови за работата на инспекторите кои ги доставува до Владата и до Инспекцискиот совет.

ДИЛС има статус на правно лице, со сопствена буџетска сметка како буџетски корисник од прва линија, самостојно спроведува постапки за вработување согласно на закон и одлучува за правата и обврските од работен однос.

Основна заложба и цел на ДИЛС е обезбедување на поефективен, поефикасен и правно регулиран систем на надзор над законитоста на прописите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје (во натамошниот текст: општини) , со цел унапредување на нивната законитост.

Инспекторатот како независно правно лице во изминатиот период согласно закон врши  надзор над законитоста на прописите на општините, како и надзор над постапката на нивното донесување.