Надлежности на Државниот инспекторат за локална самоуправа

Државниот инспекторат за локална самоуправа врши надзор над законитоста на прописите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и се грижи за унапредување на нивната законитост. Предмет на надзор се и постапките за донесување на правните акти во општините, како начин на имплементација на Законот за локална самоуправа, на позтивините законски прописи и на Уставот на Република Северна Македонија од единиците на локалната самоуправа.

Инспекцискиот надзор се реализира како редовен,  вонреден и контролен надзор, кој може да се изврши како однапред планиран во годишна и квартална програма донесена од страна на директорот на  институцијата, или по пријава на физички и правни лица. При вршење на инспекцискиот надзор се применуваат одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за инспекциски надзор.

Тековните редовни инспекциски надзори над законитоста на прописите од општините се врши во просториите на ДИЛС, откако тие ќе бидат доставени од општините до Државниот инспекторат за локална самоуправа а во согласност со законската обврска на општините да ги доставуваат донесените одлуки и прописи до Државниот инспекторат за локална самоуправа   во рок од 10 дена од нивното донесување.

Согласно проценките на ДИЛС, преку директорот и инспекторите или доколку е доставена претставка за поплака во однос на работењето на некоја од општините, надзорот се врши и преку посета во општините. Притоа, за денот, содржината и обемот на инспекцискиот надзор, инспекторот го известува граданочалникот и претседателот на советот на општината во која ќе се врши надзор. Но, доколку се утврди потреба, се вршат и инспекциски надзори  над работата на советите на општините по пат на ненајавена посета.

Во случај на утврдена повреда, инспекторот подготвува акти со кои предлага конкретни решенија. Инспекторот има овластување да презема мерки согласно на Правилникот за вршење на инспекциски надзор, доколку оцени дека постојат неправилности со кои се крши Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Доколку утврди неправилности, инспекторот има право да донесе Решение за запирање на примена на прописот. Инспекторатот има овластување да  подготви и  иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на актите на општината пред Уставен суд на Република Северна Македонија.

Доколку пак инспекторот утврди дека има основано сомнение за сторен прекршок или кривично дело должен е да го извести надлежниот орган за превземање управни и други мерки.

Органи на државната управа,здруженија на граѓани и други правни и физички лица можат да поднесуваат иницијативи,предлози и преставки до ДИЛС  по што ДИЛС е должен да изврши надзор и во рок од 30 дена да го извести подносителот на претставката.

Општините се должни редовно, во законски рок од 10 дена до ДИЛС да ги доставуваат донесените акти за над истите да се изврши проверка. Исто така, општините се должни да ги обезбедат сите барани документи за вршење на инспекциски надзор од ДИЛС. Доколку одговорното лице во единицата на локалната самоуправа не обезбеди услови за вршење на инспекциски надзор или не ги достави бараните прописи и записници му се изрекува казна согласно закон.