Инспекциски надзор — Општина Чучер Сандево

По добиени две преставки за општината Чучер-Сандево, како и на барање на националната телевизија ТВ21, Државниот инспекторат за локална самоуправа на 08.01.2020 година изврши вонреден инспекциски надзор над истата.

При посета на општината извршен е увид во Програмата за уредување на градежно земјиште и увид во одлуката на Советот за надоместокот за комунални такси. Освен вишиот инспектор, во инспекцискиот надзор учествуваше и директорот на ДИЛС, Сеад Садикоски, кој меѓу другото оствари средба и со градоначалникот Јован Пејковски. На работниот состанок стана збор и за двете преставки кои беа цел на надзорот и за тековните работи на општината. Директорот на ДИЛС ја отвори темата која веќе извесно време е актуелна во јавноста. Тој со градоначалникот разговараа за жалбите и примедбите на бизнис секторот за превисоките цени за комуналии кои се доста високи и изнесуваат 35 евра по м2 за објектите во индустриската зона Качанички Пат во општината Чучер Сандево, што може негативно да се одрази на бизнис климата и на развојот на општината.

На крајот на средбата  која се одвиваше во една позитивна и конструктивна атмосфера со директорот Садикоски, градоначалникот Пејковски изрази разбирање и подготвеност за редефинирање на цените и  дека ќе предложи мерки за подобрување на бизнис климата пред советот на општината, вклучувајќи го тука и намалувањето на цените за комуналиите за повеќе од половина, со што ќе се излезе во пресрет на брањето на јавноста и на бизнис секторот во општината.

Во продолжение прочитајте ја изјавата на директорот Садикоски дадена за МИА

Спроведен е вонреден инспекциски надзор над работењето на општина Чучер –Сандево. Инспекторатот има законска надлежност да врши надзор над актите кои ги донесува општината , како и над постапките во кои тие се донесуваат. Во конкретниот случај, извршен е увид во Програмата за уредување на градежно земјиште и увид во одлуката на Советот за надоместокот за комунални такси, извршена е проверка од повеќе аспекти.

Сметам дека во своето работење општините треба да внимаваат на заедничката и стратешка определба – да се зајакнува подобната клима за бизнис секторот, да се креираат повеќе можности и да се поставуваат реални услови. Условите треба да произлегуваат од реални критериуми и да одговараат  на потребите.

Би сакал да истакнам дека на средбата,  која се одвиваше во една позитивна и конструктивна атмосфера, Градоначалникот Пејковски изрази разбирање и подготвеност за редефинирање на цените. Очекувам во најскоро време во општината да бидат предложи мерки за подобрување на бизнис климата, вклучувајќи го тука и намалувањето на цените за комуналиите за повеќе од половина.

Уверен сум дека со нова одлука за намалување на цената, општината ќе излезе во пресрет на брањето на јавноста и на бизнис секторот во општината.

Воедно, би сакал да ја искористам можноста и да потсетам на законските надлежности на Државниот инспекторат за локална самоуправа и да повикам и во иднина граѓаните и правните субјекти слободно да се обраќаат со претставки за прашања за кои сметаат дека инспекторатот може да помогне.